ТИНЕКС, ТИ И ЈАС:
Во текот на нашето 28-годишно постоење на македонскиот пазар, израснавме во значаен член и чинител во заедницата чиј што составен дел сме сите ние. Со години наназад, паралелно со развојот на компанијата, ја негуваме и традицијата на грижа за потребите и развојот на заедницата.
Со цел да ги зајакнеме и интензивираме нашите залагања и активности, во 2012 година ја формиравме платформата „Тинекс, ти и јас“, која е заснована на идентификување на вистинските потреби на заедницата со цел да се овозможи реализација на проекти кои ќе остават трајна вредност во општеството.
За остварувањето на оваа важна цел, во рамките на платформата, „Тинекс“ подржува проекти во различни области како: здравството, уметноста и културата, спортот, образованието, заштита на животната средина и помош на социјално ранливи групи.
Тинекс учесник во USAID проектот за социјална инклузија
понеделник, 12 март 2018
На 7ми март, Американската агенција за интернационален развој-USAID организираше завршен настан на кој беше промовиран првиот ХабИТ центар во Македонија, кој е основан преку проектот за социјална инклузија преку технологија.
Центарот ХабИТ ќе нуди услуги на млади лица со попреченост за подобрување на професионалниот развој и помош при вработување. Дополнително, центарот ќе обезбедува услуги и за компаниите кои се заинтересирани за зголемување на пристапноста на нивните услуги и производи за лицата со попреченост.
Нашата компанија Тинекс со задоволство се вклучи во проектот на USAID и ги поддржа лицата со попречености. Од неодамна во дирекцијата на Тинекс беа вработени две лица со попреченост, кои ќе работат во ИТ и маркетинг секторот, а наскоро е планирано да се вклучат уште 7 лица за работа во некои од Тинекс маркетите.
На настанот, кој беше одржан во просториите на iVote, пред присутните претставници на компаниите и гостите, обраќање имаше амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, кој истакна дека е горд на сите учесници во проектот, бидејќи тие ги разбија митовите и му покажаа на бизнис-секторот дека младите луѓе со попреченост можат да бидат вработени и целосно да придонесуваат во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во Македонија.
Tинекс со поддршка во реализирање на уште една хуманитарна акција на ИСЛАА
понеделник, 30 октомври 2017
Под мотото “ИСЛАА донираше, ДОНИРАЈТE И ВИЕ!“, изминатата недела во населбата Ченто се спроведе уште една хуманитарна акција, во која учествуваше и Тинекс.
На 25.10.2017 година, Иванов Школата за Лидери-Алумни Асоцијација (ISLAA), во соработка со Црвениот Крст и со поддршка од TINEX, Алкалоид Скопје, Фондацијата Албиз и Натусана повторно помогнаа на уште едно семејство.
Овојпат, помош и беше дадена на шестчлено семејство од Скопје, со невработена мајка и 5 малолетни деца, а донацијата се состоеше од прехрамбени продукти, средства за хигиена и домаќинство и лекови.
Четвртата хуманитарна акција која беше реализирана, претставува една од вкупно шесте предвидени хуманитарни акции за оваа година, во знак на шест години од постоењето на ИСЛАА.
Тинекс, како компанија која секогаш се труди да даде помош на оние на кои им е најпотребна, и овојпат беше благодарна што доби можност да помогне на уште едно социјално загрозено семејство.
Тинекс дел од хуманитарната акција „Нахрани 1000“
четврток, 19 октомври 2017
На 17-ти октомври во Скопје, се одржа најмасовната акција за донирање на храна во Македонија, под мотото ,,Нахрани 1000’’. Повод за реализирање на ваквиот настан беше Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, кој се одбележува токму на 17-ти октомври.
Хуманитарната акција е поттикната и организирана од иницијативата „Мрдни со Прст“, Црвениот крст на Република Македонија, Здружението „Ајде Македонија“, Здружението „ Љубезност“, Хуманитарната организацијата „ADRA Macedonia“ и Сојузот на Извидници на Република Македонија.
Граѓаните и компaниите донираа храна за бездомниците и за сите загрозени семејства на повеќе локации низ главниот град, а еден штанд за донации беше поставен и пред Тинекс маркетот во населбата Ѓорче Петров.
И нашата компанија Тинекс, заедно со своите вработени, се приклучи во акцијата ,,Нахрани 1000“ преку донирање на пакети со прехранбени производи.
Игор Стефановски-Иџе со победа на Belgian Truck Grand Prix 2017
четврток, 21 септември 2017
Игор Стефановски-Иџе на 17-ти септември издвои уште една интернационална победа и го оправда приматот на најдобар автомобилист во Македонија.
На интернационалниот натпревар за автомобилизам „ETCC Belgian Truck Grand Prix” кој се одржа во Белгија од 15-ти до 17-ти септември, Иџе го освои првото место во втората трка од натпреварот, кој се одржа на мотоспорт патеката Золдер, долга 4000м со време од 29:15, остварувајќи 7 секунди предност пред второпласираниот.
Со оваа победа Стефановски ги задржа шансите за пехарот во генералниот пласман. Тој се позиционираше на четвртата позиција на ранг листата на ETCC FIA European Touring автомобилскиот куп со вкупно 55 поени, веднаш зад Перт Фулин од Чешка со 63 поени, Крисјохансен Шрајбер од Швајцарија со 57 поени и Норберт Наги од Унгарија со 56 поени.
Тинекс со гордост и понатаму ќе продолжи да ги следи и поддржува сите подвизи и успеси на нашиот Иџе.
Мери Мирчевска, вработена во Tинекс, го освои првото местo на Vucko Trail 2017
среда, 12 јули 2017
Мери Мирчевска од Прилеп, вработена во Tинекс, го освои првото место во планинарско трчање, во женска категорија, на Vucko Trail, кое се оддржуваше на планините Бјелашница и Височица во Босна и Херцеговина, каде што во 1984 се одржаа Зимските Олимписки Игри. Таа успеа да дојде до првото место во рекордно време, совладувајќи ултра тежок терен и да истрча околу 70 километри до 3200метри височина.
Мери, со оваа трка, успеа да се квлификува за учество во трката во планинарско трчање на Монблан и воедно да си го отвори патот за претстојната елитна трка на Загори во Република Грција.
Тинекс, како компанија која подолго време ја поддржува Мирческа во сите своите подвизи, и овојпат беше горда на успехот на својата вработената.
“Тинекс, ти и јас” во поддршка на летниот едукативен камп на РАСТ
петок, 07 јули 2017
Од 6-ти до 9-ти јули 2017, во кампот „Ливадиште“ во Струга, започна летниот едукативен камп кој РАСТ традиционално го организира заедно со нивните колеги од Република Србија. Здружението РАСТ е непрофитна организација на родители на деца со ендокринолошки заболувања, која ги застапува правата на децата и возрасните со нарушување во растот.
Тинекс и оваа година го поддржа здружението и помогна во реализацијата на летниот едукативен камп кој РАСТ го организираше, со донација од прехрамбени производи.
Претседателот на Здружението РАСТ, г-дин. Александар Петровски, на ТИНЕКС му додели Благодарница за несебичната поддршка и придонес во унапредување на грижата за децата со нарушување во растот.
Tинекс во поддршка за реализирање на втората хуманитарна акција на ИСЛАА
понеделник, 12 јуни 2017
На 31.05.2017 година, Иванов Школата за Лидери-Алумни Асоцијација (ISLAA), во соработка со Црвен Крст и со поддршка од TINEX, Алкалоид Скопје и Натусана помогнаа на уште едно семејство.
Под мотото “ИСЛАА донираше, ДОНИРАЈТE И ВИЕ!“, во населбата Припор беше реализирана втората од шесте предвидени хуманитарни акции за оваа година во знак на шест години од постоењето на ИСЛАА.
ИСЛАА и Црвен Крст, со поддршка на Тинекс, помогнаа на седмочлено социјално загрозено семејство, самохрана мајка со шест деца, донирајќи пакети со прехранбени производи, средства за хигиена и домаќинство.
Тинекс, како општествено одговорна компанија е исклучително среќна што со нејзината поддршка дојде до реализирање на оваа хуманитарна акција.
Игор Стефановски – Иџе во борба за европска титула на FIA WTCC
четврток, 08 јуни 2017
Најдобриот автомобилист во Македонија, Игор Стефановски – Иџе, после победеничките резултати од двете трки во Германија и по враќањето во Македонија со два пехари, влезе во борбата за европската титула во Светскиот шампионат за спортски автомобилизам WTCC. Тој имаше огромен успех во двете трки во Нирбургринг, Германија, каде што се избори до третата позиција во генералниот пласман со 33 бодови.
Тинекс преку платформата “Тинекс ти и јас” го поддржи Иџе во неговите трки и успеси. Трката FIA WTCC во Виа Реал, Португалија ќе се вози од 23-ти до 25-ти Јуни 2017.
„Следната трка е во Португалија и таа е многу важна за нас, бидејќи се работи за трка на која дневно се вреднуваат бодовите. Ќе се обидам да дојдам до победа и таму”, истакна Игор Стефановски – Иџе.
Мери Мирческа од Прилеп, вработена во Тинекс, го освои Првото место на “Momata Rock Trail” 2017
среда, 17 мај 2017
Мери Мирческа од Прилеп, вработена во Тинекс, го освои Првото место на трката во планинарско трчање “Momata Rock Trail” 2017. Оваа планинска трка која се одржа на 14ти мај годинава, својата рута ја обележи на падините од Селечката Планина, во близина на Прилеп.
„Лани прв пат во животот, првата трка со која го означив почетокот на моето планинарско трчање, ја трчав токму оваа трка, популарно наречена Момата. Поставив рекорд во категоријата планинарско женско трчање со време од 02: 38 минути. Оваа година го соборив сопствениот рекорд со време од 02:33:46 минути. “ - вели Мери Мирческа за Тинекс ти и јас.
Се радуваме што можевме да ја поддржиме Мери и да бидеме дел од нејзиниот заслужен успех. Им честитаме и на другите две победнички: Благица Јованова , која го освои второто место и на Елена Џекова, која го освои третото место.
“Тинекс, ти и јас” во поддршка на Кајакарската Федерација на Македонија
петок, 12 мај 2017
Оваа година Тинекс и Платформата за Општествена Одговорност “Тинекс, ти и јас” ја поддржи Кајакарската Федерација на Македонија за учество на Европското Првенство во Кајакарство 2017.
Европското Првенство во Кајакaрство на диви води во спринт и класик за сениори се одржува во водите на реката Вардар и кањонот Матка од 11ти до 14ти мај.
На Европското Првенство во Кајакaрство ќе се натпреваруваат 176 учесници од 18 земји. Ова е настан кој ќе го збогати спортскиот изглед на Скопје.
Тинекс награден со плакета за развој на филантропијата од „Меѓаши“
понеделник, 01 мај 2017
На 26.04.2017 г., во Драмскиот Театар во Скопје, свечено се прослави 25 годишнината од постоењето на Првата Детска Амбасада „Меѓаши“.
За време на прославата Претседателот на Меѓаши, Господинот Драги Змијанац, на Тинекс му додели плакета за долгогодишна соработка, поддршка и значаен придонес во развојот на филантропијата, како благодарност за долгогодишната соработка и помош која Тинекс, како општествено одговорна компанија, им ја дава на децата на кои им е најпотребна.
ТИНЕКС се вклучи во раззеленување на Градскиот Парк
вторник, 25 април 2017
На 20 април 2017г., во Градскиот парк во Скопје, беше организиран првиот „Форум на добри компании“, каде повеќе Oпштествено одговорни компании засадија 70 зимзелени дрвца на повеќе места во паркот.
Пикникот беше во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, Град Скопје, „Еуропеан плантс“ – Тетово и „Скопје Мериот Хотел“
Форумот на добри компании ги опфаќа некои од најпрепознатливите Општествено одговорни компании во нашата Република. Во ова семејство припаѓа и компанијата Тинекс.
Зимзеленото дрво на Тинекс го посади претставник на компанијата со помош на Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, г-дин Ваутер Пломп, кој истакна дека дрвјата се иднината на градот и дека ваквиот настан е одличен пример за корпоративно-општествената одговорност.
Грижата за околината и ширење на еколошката свест се едни од најважните аспекти за кои се залага Тинекс, како општествено одговорна компанија.
Следниот Форум на добри компании е закажан за 2 ноември 2017 година.
Тинекс, гостин на шестиот роденден на ИСЛАА
понеделник, 24 април 2017
Во петокот, на 21.04.2017 година, во просториите на Хотелот „Stine Bridge“ беше прославен 6-от роденден на Иванов Школата за Лидери-Алумни Асоцијација (ИСЛАА).
На прославата, покрај Претседателот Ѓорѓе Иванов, присуствуваа и претставници од Кабинетот, органите на државната управа, дипломатскиот квор, поддржувачи, соработници, како и дел од учесниците од Школата за млади лидери.
Една од одговорностите на ИСЛАА е организирање на активности и помош на социјалнио ранливите граѓани. Тинекс, како општествено одговорна компанија се вклучи во реализацијата на овие активности преку соработка во дури 6 проекти на ИСЛАА, кои ќе бидат остварени во текот на целата година.
Првиот проект од овие шест, беше организиран во текот на месец март. Од страна на Тинекс беа доставени пакети со прехранбени продукти и средства за хигена кои беа доделени на една самохрана мајка и нејзиното четиригодишно дете.
За време на роденденската прослава, претседателот на ИСЛАА, Г-ѓа Данче Ристовска, додели благодарница на ТИНЕКС за успешна соработка помеѓу асоцијацијата и компанијата.
Мери Мирческа од Тинекс освои второ место на „Corfu Mountain Trail 2017”
вторник, 11 април 2017
Мери Мирческа од Прилеп, вработена во ТИНЕКС, претходниот месец го освои второто место во женска конкуренција на меѓународниот натпревар во планинарско трчање „Corfu Mountain Trail 2017” кој се одржа на островот Крф, Република Грција.
Ова не е прва титула на Мирчевска. На трката „Ultra Trail – World Tour 2017”во Истра, во конкуренција од 400 натпреварувачи од 37 држави, Мери успеа да се пласира во топ 10, освојувајќи го завидното 9то место. Минатата година, таа го освои третото место на Меѓународниот натпревар во Трансилванија, Романија, а на Меѓународниот натпревар Крали Марко, кој се одржа во околината на Прилеп, Мери се закити со сребрен медал, минувајќи ја патеката од 90 километри за 15 часа. Истата година, таа го освои второто место и на Меѓународниот натпревар „Persenk Ultra” во Бугарија.
Тинекс, како компанија која постојано се грижи за своите вработени, со гордост ја поддржува Мирческа во сите своите подвизи.
Тинекс главен спонзор на хуманитарната манифестација „ Слатка Мистерија 2017“ во организација на ХО„Ангелчиња“ и Општина Гази Баба
четврток, 16 февруари 2017
Во хотелот „Континентал“ во Скопје на 10.02.2017 година, по 11-ти пат се одржа традиционалната хуманитарна манифестација „Слатка Мистерија 2017“ во соработка со Хуманитарната организација Ангелчиња-ХОА.
Овогодинешниот домаќин на хуманитарната манифестација, попозната како „Тортијада“, беше Општината Гази Баба. На истата беа изложени 32 торти од професионалци и аматери од повеќе општини од градот.
Тинекс се појави како главен спонзор на оваа манифестација и придонесе да биде успешно реализирана. Во текот на пригодната програма беа собрани 190.600 денари од продажбата на билети, лицитација на тортите и лотарија, кои ќе бидат донирани на Центарот за лица со ментална или телесна попреченост во населбата Железара во Скопје.
Тинекс во хумана акција за помош на поплавените подрачја во Скопје
недела, 07 август 2016
По страшните поплави кои се случија во текот на вчерашниот ден, компанијата Тинекс денес организираше донаторска акција за помош на жителите од настраданите подрачја во Скопје.
Со цел барем малку да им ја олесни беспомошната состојба, Тинекс донира пакети со 24.000 литри вода. Донацијата започна да се доставува во основното училиште “25 Maj” во с. Сингелич а од таму водата ќе биде пренесена во кризниот штаб во с.Стајковци од каде ќе биде адекватно распределена на сите жители од околните подрачја на кои им е неопходна во овие тешки моменти.
Компанијата Тинекс, која секогаш е филантропски насочена и понатаму останува будно да ги следи ситуациите во поплавените општини и секогаш да подаде рака онаму каде е најпотребно.
Тинекс донираше 1150 прехранбени пакети во општина Пустец
петок, 08 јануари 2016
За да ги разубави новогодишните и божиќните празници на социјално ранливите групи во општина Пустец, Албанија, Тинекс реализираше донација од 1150 хуманитарни пакети со основни прехрамбени продукти: брашно, масло, шеќер, грав, ориз и кондиторски производи.
Вкупната вредност на оваа донација е 616.000ден. Донацијата е доделена со цел да се подобрат животните услови на социјално ранливото население на општина Пустец каде претежно живее македонско население.
Покрај пакетите со прехранбени продукти, на најмалите дечиња Тинекс им додели 70 новогодишни пакетчиња.
Донацијата ја прими градоначалникот на општина Пустец, г-дин Едмонд Темелко.
Новогодишниот караван на Тинекс шири празнична радост и насмевки
кај најмалите низ цела Македонија
петок, 25 декември 2015
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, традиционално компанијата Тинекс организира новогодишен караван кој претставува вистинска радост за најмалите дечиња од социјално ранливите категории.
Денеска, украсениот новогодишен камион со пакетчиња и Дедо Мраз тргнаа на патување низ Македонија од пред Домот за деца без родители “11Октомври” со порака дека секое дете треба да ја почувствува топлината и среќата на новогодишните празници.
Караванот во текот на следните денови во 50тина установи како дневни центри, здруженија, училишта за деца со посебни потреби, заводи за рехабилитација и здравствени установи за грижа и згрижување на деца од ранливите категории ќе подели близу 2000 новогодишни пакетчиња низ 12 градови во Македонија: Куманово, Тетово, Штип, Струмица, Неготино, Кавадарци, Струга, Гевгелија, Охрид, Прилеп, Битола и Скопје.
За да ги разубави новогодишните и божиќните празници на социјално ранливите групи во општина Пустец, Албанија, Тинекс ќе реализира донација на 1150 прехранбени пакети. Вкупната вредност на оваа донација е 615.000ден.
Новогодишниот караван е дел од активностите на платформата „Тинекс, ти и јас“, во чии рамки годинава се реализирани повеќе донации и активности во областа на здравството, образованието, спортот, заштитата на животната средина, културата и уметноста и кон социјално ранливи групи со вкупна вредност над 13.000.000 денари.
Признание за успешно спроведена општествено одговорна практика
среда, 28 октомври 2015
Тинекс како компанија, на македонскиот пазар е препознатлив по тоа што посветува посебно внимание на oпштествената oдговорност и горди сме што учеството на конкурсот за "Национална награда за најдобри oпштествено oдговорни практики" ни донесе признание за проектот "Дневен центар за деца од улица - Шуто Оризари ". Ова признание е од особено значење за нас бидејќи ја потврдува нашата визија за поддршка на Дневниот Центар за деца од улица во Шуто Оризари на кој континуирано сме посветени уште од 2010 година.
Главна цел на проектот е децата кои живеат во супстандардни услови постепено да се вклучат во социјалниот продуктивен дел од заедницата и преку едукација и воспитување да се стекнат со независна егзистенција: да ја напуштат улицата и да бидат згрижени во центарот во Шуто Оризари; да не бидат жртви на злоупотреба на детскиот труд; да бидат заштитени од сексуална злоупотреба; да се стекнат со документи за лична идентификација; да бидат корисници на социјална помош и да се стекнат со право на здравствена заштита и имунизација; да бидат вклучени во образовниот систем и да стекнат воспитание, општа култура, образование и комуникациски вештини, кои ќе ги вклучат како рамноправни субјекти во заедницата.
Овој проект ја потврдува посветеноста на Тинекс во подобрување на заедницата, преку вложување во најранливата категорија граѓани на кои им е потребна најголема помош. Посебно сме горди што Здружението бележи успеси во инклузијата на децата Роми кои питачат на улиците
Хуманитарната акција на Тинекс за бегалците од Африка и Азија
вторник, 16 јуни 2015
Тинекс хуманитарната акција за бегалците од Африка и Азија стартуваше на 16 јуни 2015 година.
До сега поделивме 600 пакети со храна, вода, хигенски средства и лекови на прегладнетите, уморни и беспомошни патници кои наместо билет в рака за подобар живот, имаат поглед со надеж кон секој што ќе ги пресретне.
Не можете да останете рамнодушни на жените и децата кои се спружени и малаксани од сонцето и уморот. Не можете да си ја свртите главата и лесно да ги прескокнете оние кои во моментов покрај Вашите нозе страдаат со рани на стапалата, и на кои од скромната помош што ќе им ја пружите им светнуваат очите и насмевката им ја открива напатената душа која безизмерно Ви благодари.
Можеби не го знаете јазикот на кој Ви заблагодаруваат, но знаете што е благодарност, Вие сте човек исто како и тие!
Тинекс ќе продолжи со овие хуманитарни активности и во наредните денови, се додека има потреба за тоа.
Тинекс за помош на Македонија
четврток, 12 февруари 2015
Компанијата Тинекс во координација со координативното тело за заштита и помош на настраданите семејства кои беа зафатени од поплавите во Македонија, подготви соодветни прехранбрени и хигиенски пакети.
Вчера, камионот на Тинекс ги посети оштините:
- Штип, каде донираше 60 хигиенски пакети и вода и 150 прехранбени пакети
- Кочани, каде донираше 55 хигиенски пакети и вода
- Карбинци, каде донираше 40 прехранбрени пакети
Денес , 12.02.2015г. ќе бидат посетени семејствата од битолскиот регион каде ќе бидат доделени 100 хигиенски пакети, а во петок, 13.02.2015г. ќе бидат посетени општините:
- Куманово, каде ќе бидат донирани 35 хигиенски пакети и вода
- Кратово, каде ќе биде доставена донација на 1,8 тони негазирана вода
Вкупната вредност на донираната помош за загрозените семејства достигнува износ од 325.000 денари.
Компанијата Тинекс, која секогаш е филантропски насочена и понатаму останува будно да ги следи ситуациите во поплавените региони и секогаш да подаде рака онаму каде е најпотребно.
Тинекс новогодишен караван
четврток, 18 декември 2014
Украсениот новогодишен камион со пакетчиња и Дедо Мразот денеска тргна низ Македонија со пораката дека секое дете треба да ја почувствува топлината и среќата на новогодишните празници. Караванот на "Тинекс" во следните две недели ќе посети 40 установи како дневни центри, болници, установи за згрижување на деца со посебни потреби, многудетни семејствa од 11 градови и ќе подели 1700 новогодишни пакетчиња. Горди сме што новогодишниот караван прерасна во една прекрасна традиција бидејќи секое дете има право на новогодишна радост и среќа.
Прв до врв
недела, 01 јуни 2014
Сите на Водно на 1 Јуни, е мотото на настанот со кои Скопјани еден ден во годината со масовно качување го прославуваат постоењето на планината Водно.
На овој спортско рекреативен настан на најбрзите во сите женски категории им беа доделени вредносни ваучери.
Градиме здрави навики
сабота, 31 мај 2014
Тинекс и Биокулт организираа настан- Градиме здрави навики каде дечињата имаа можност да подготвуваат колачиња од здрави органски состојки, а воедно да научат повеќе како правилно да се хранат за да бидат здрави и полни со сила.
Тинекс во хумана акција за помош на Србија
четврток, 22 мај 2014
На иницијатива на Тинекс во соработка со Горска вода и Дени интернационал, караван од 10 шлепери под слоганот„ Тинекс, Горска вода и Дени интенационал во хумана акција за помош на Србија“ беше испратен за Црвен крст, како донација за жителите од местата зафатени од страшните поплави во Србија. Со оваа донацијата од 226.800 литри од кои половина беа донирани од Тинекс, трите компании пренесоа порака дека хуманоста не бира граници, националности, општествени определби, туку таа е човечко дело кое помага онаму каде е најнеопходно.
Напред Розово 2014
сабота, 17 мај 2014
Од 15 мај до 1 јуни двете успешни Македонски компании Тинекс и Бимилк организираа акција овој пат за поддршка на трибините за едукација на тема “Рано откривање на рак на дојка”. Имено со купување на Битолски јогурт во сите Тинекс маркети потрошувачите донираа дел од средствата за организација и поддршка на трибините и за таа цел беа собрани 300.000 денари.
Ден на револуција во исхраната
петок, 16 мај 2014
Оваа година компанијата Тинекс беше дел од одбележувањето на "Денот на револуција во исхраната", светска иницијатива стартувана од фондацијата на светски познатиот готвач Џејми Оливер која се реализира преку лидери-амбасодори во 72 земји во светот. Револуција во исхраната започна со еден од најинспиративните настани, ден на револуција во исхраната во градинките во Македонија каде што децата имаа можност интерактивно да научат за здравите навики во исхраната. Оваа иницијатива беше подржана и од Министертсвото за труд и социјална политика.
Wizz air Скопкси маратон 2014
недела, 11 мај 2014
Тинекс и травел солушн трета година се поддржувачи и ко-организатори на најголемата спортска манифестација Viz air Скопкси маратон 2014. На овој настан кој 10 години се одржува низ Скопските улици и претставува најмасовна спортска манифестација земаа учетсво натпреварувачи од 47 земји во светот.
Донација на Тинекс и БиМилк
петок, 28 март 2014
Од 10 февруари до 10 март, Tинекс и Бимилк организираа заедничка акција под мотото "Хуманоста е важна". Со оваа акција сите заедно придонесовме да се оствари една хумана цел, да се обезбедат неопходни средства за потребите на Заводот за деца и младинци "Топанско поле" и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух "Кочо Рацин" од Битола. Во рамките на оваа акција беа собрани 150.000 денари каде што половина од износот на средствата беше наменет за Заводот "Топанско поле" за купување на техничка опрема: 3 лаптоп компјутери, 4 печатачи, 5 радио и CD плеери., додека во Битола во заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух Кочо Рацин беа доделени 80 јоргани и 80
постелнини.
Донација на Тинекс и БиМилк
четврток, 24 октомври 2013
Денеска во просториите на ДСУ за рехабилитација и образование Св. Наум Охридски се изврши заедничка донација од страна на компаниите Тинекс и Млекара АД Битола. Донацијата ја сочинуваа 30 кревети и 30 душеци.
Mavrovo Tour
недела, 16 јуни 2013
Во недела, на 16.06.2013 год. во рамките на платформата Тинекс, ти и јас ја подржавме велосипедската трка Mavrovo tour со пакет енергетски производи за натпреварувачите, а на двајца најсреќни учесници во лотаријата им доделивме ваучер од по 1500 денари.
Донација во институтот за белодробни заболувања кај децата Козле
петок, 14 јуни 2013
Компанијата Тинекс преку платформата Тинекс, ти и јас и понатмуа продолжува безрезервно да ја дава својата максимлана подршка кога се работи за децата. Со донацијата на апаратот за хемокултура се надеваме ќе ја подобриме состојбата во институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.
Kick Off Picnic
недела, 19 мај 2013
Преку платформата „Tинекс, ти и јас“ го помогнавме пикникот во организација на SWT Alumni и Американската амбасада, и ја поздравивме иницијативата на младите.
Скопски маратон 2013
недела, 12 мај 2013
Традиционално Тинекс преку платформата ,,Тинекс, ти и јас'' го поддржа Скопскиот маратон и во 2013 година. Со задоволство маратонците ги поддржавме со пакет енергетски производи од Тинекс во вредност од околу 50.000 денари, преку платформата „Тинекс, ти и јас“, и авионски карти во вредност од 75.000 денари преку агенцијата Travel Solutions, и овозможивме да видите дел од маратонот сниман од воздух со помош на Тинекс цепелинот.
500.000 денари за изградба на детски ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести
среда, 03 април 2013
На 2ти април во Младинскиот културен центар се одржа донаторски ВИП коктел, во рамки на Националната кампања за собирање средства за изградба на детски ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Целта е да се реконструира и адаптира простор од 130 квадрати, да се обезбеди потребната опрема и овозможи подобра здравствена заштита на пациентите до 18 години.
Тинекс во рамките на платформата Тинекс, ти и јас учествуваше на донаторскиот коктел и издвои средства во висина од 500.000 денари, средства кои ќе помогнат најмалите да добијат потребни услови и добра медицинска нега.
Сите кои сакат да бидат дел од оваа хумана иницијатива можат да донираат средства со јавување на отворениот телефонски број 14321.
По повод на Светскиот ден посветен на лицата со Даунов синдром, во рамките на платформата Тинекс, ти и јас дониравме 60.000 денари за нивното Здружение ,,Трисомија 21''.
понеделник, 25 март 2013
По повод на Светскиот ден посветен на лицата со Даунов синдром, во рамките на платформата Тинекс, ти и јас дониравме 60.000 денари за нивното Здружение ,,Трисомија 21''. Паричната помош има за цел да го олесни функционирањето на здружението во напорите за подобрување на квалитетот на животот на лицата со Даунов синдром како и нивното активно вклучување во општеството. Со таа цел првата активност беше одржана на 21ви март во трговскиот центар Зебра, каде што членовите на здружението им делеа цветови на случајните минувачи, и со тоа го обележивме и првиот ден на пролетта.
,,Тинекс ти и јас“ во текот на 2012 година инвестираше 17.500.000 денари
недела, 30 декември 2012
На почетокот на 2012 година ја формиравме платформата „Тинекс ти и јас“, платформа која има основна задача да обезбеди помош онаму каде е потребна, да поттикне развој, да им се најде на оние кои навистина немаат каде да се обратат за помош. Како што беше најавено, платформата „Тинекс ти и јас“генерира финансиски средства од продажбата на био разградливите кеси во нашите продавници и истите, преку разни активности ги вложува, односно ги враќа на заедницата.
Голем придонес и одговорна улога во реализација на платформата „Тинекс ти и јас“ имаа членовите на одборот за општествена одговорност: проф. Др Јован Донев, проф. Др Венко Андоновски и Др Владимир Чадиковски, кои учествуваа во утврдување на приоритетите и идентификување на вистинските потреби на заедницата. Горди сме што преку активностите на платформата „Тинекс ти и јас“ во текот на 2012 година инвестиравме 17.500.000 денари и тоа во:
ЗДРАВСТВО
Во областа на здравството реализиравме повеќе донации со вкупна вредност од 2.000.000 денари:
1.000.000 денари за набавка на два бронхоскопи и кардиолошка сонда на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.
400.000 денари за опремување на мајчинските соби на Клиниката за Гинекологија, опремување на болничките соби на Детската клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија.
650.000 денари за набавка на озонери апарати за стерилизација на воздух на Клиниката за Детска хирургија со што се овозможи чиста, стерилна средина и подобри услови за работа.
СОЦИЈАЛНО РАНЛИВИ ГРУПИ
Во текот на минатата година укажавме помош на оние на кои им беше итно потребна во дадениот момент, па така во февруари дониравме 1500кг. неопходни прехрамбрени производи за жителите на селата кои беа завеани од обилните врнежи на снег во вредност од 150.000 денари.
Ги обновивме крововите на опожарените куќи во Карадак маало, во Скопје, донација во вредност од 1.000.000 денари.
Дониравме 6 тони или над 1000 пакети со прехрамбени производи и производи за лична хигиена како поддршка на македонската заедница во Гора, Косово, донација во вредност од 450.000 денари.
70 кг. храна испративме на децата од социјално загрозените семејства згрижени во училишниот интернат „Гоце Делчев“, во село Љубанци, Скопје.
Го помогнавме хуманитарниот настан „Дојди подари радост“ со донација во иснос од 184.500 денари.
Ја продолживме соработката со Домот за деца без родители, 11 Октомври, овозможувајќи им на полнолетните деца од Домот право на вработување во нашата компанија.
Ја продолживме соработката со Здружението за заштита на правата на децата и Дневниот центар за деца на улица Шуто Оризари, која трае од мај 2010 година, каде досега имаме донирано 1.800.000 денари за подобрување на условите за функционирање, а само во 2012 година 720.000 денари.
Во текот на целата година помагавме на поединци на кои им беа неопходни средства за интервенции и лекувања и тоа во висина од 1.300.000 денари. Одговоривме и на многу барања на семејства кои имаат потреба од храна, средства за лична хигиена и други намирници.
Особено сме горди на нашиот новогодишниот караван кој го организиравме пред почетокот на новогодишните празници. Караванот помина низ 11 градови, а Дедо Мраз им додели 1500 новогодишни пакетчиња на деца во 25 училишта и установи кои згрижуваат лица со посебни потреби и други ранливи групи низ државата.
За помош на социјално ранливи групи инвестиравме 3.000.000 денари.
КУЛТУРА И УМЕТНОСТ
Во полето на културата и уметноста поддржавме неколку институции и манифестации а од особено значење ни е соработката со Драмскиот театар, Театарот Комедија и Театарот Центар каде ги поддржавме нивните премиерни претстави. Исто така бевме покровители на Изборот на Актер на годината во организација на дневниот весник Дневник. Во оваа област во текот на 2012 година дониравме околу 1.000.000 денари.
ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ И ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Со цел да дадеме придонес кон развојот на еколошката свест на граѓаните и намалување на употребата на пластични кеси организиравме еко акции на кои собравме околу 1500кг. пластичен отпад, а учесниците во овие акции имаа можност штетниот пластичен отпад да го заменат за платнени еколошки торби.
Со цел да им помогнеме на животните бездомници дониравме во текот на изминатата година за нив храна во вредност од 4.500.000 денари.
СПОРТ И ЗАБАВА
Од областа на спортот го подржавме Скопскиот маратон, а воедно помогнавме во развојот на ракометот, кошарката и фудбалот во висина од 3.500.000 денари.
Не го заборавивме ни значењето на семејните вредности, така што организиравме семејни викенди, кои овозможија дружење и забава за целото семејство.
Покрај горенаведените активности и донации, во текот на изминатата година вложивме уште 1.600.000 денари за поддршка на институции и 500.000 денари за реализација на останати активности.
Тинекс од секогаш била компанија со исклучителна посветеност кон општествената одговорност и вложувањето во заедницата. Активни учесници во овие заложби се и нашите 1200 вработени, на кои им изразуваме искрена благодарност за придонесот во остварување на нашите цели.
Горди, што можеме да придонесеме за развој на нашата заедница и водени од помислата дека ова што го правиме е добро за секој граѓанин во нашата земја, продолжуваме со реализација на платформата “Тинекс ти и јас” и во текот на оваа година.
Ваш Тинекс
„Тинекс, ти и јас“ и Дедо Мраз низ Македонија
петок, 14 декември 2012
Во текот на следните две недели во 25 установи од 11 градови во Македонија ќе бидат поделени приближно 1500 новогодишни пакетчиња
Во пресрет на новогодишните празници, нашата компанија „Тинекс“ во следниве две недели ќе подели приближно 1500 новогодишни пакетчиња во училишта и установи за згрижување на деца со посебни потреби и од ранливи групи низ државава.
Украсениот новогодишен камион со пакетчиња и Дедо Мразот денеска тргнаа низ Македонија со пораката дека секое дете треба да ја почувствува топлината и среќата на новогодишните празници. Караванот на „Тинекс“ ќе посети 25 институции како дневни центри, здруженија, училишта, заводи за рехабилитација и здравствени установи за грижа и згрижување на деца кои имаат посебни потреби во 11 градови во Македонија. Тој ќе мине низ Куманово, Тетово, Штип, Струмица, Неготино, Кавадарци, Струга, Охрид, Прилеп, Битола и Скопје. Меѓу институциите кои ќе ги посети се и: Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух во Битола, Дневниот центар за деца со посебни потреби „Ѕуница“ во Прилеп, Здружението „Златен сремец“ во Скопје, неколку основни училишта и дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово и други.
„Повеќето од нас од своето детство ги паметат токму деновите на исчекување на Дедо Мраз и Новата година. Ние од „Тинекс“ ќе бидеме задоволни ако со овој наш караван успееме да предизвикаме барем една насмевка кај децата кои во овој момент имаат потреба од специјална грижа во установите ширум целата држава. Секое дете има право на новогодишна радост и среќа“, изјави при тргнувањето на Караванот претставничката на компанијата, Цветанка Христовска, притоа заблагодарувајќи им се на сите организации и институции што се вклучија и ја поддржаа реализацијата на оваа благородна активност.
Новогодишниот караван е дел од активностите во платформата „Тинекс, ти и јас“, во чии рамки годинава се реализирани повеќе донации и активности во областите на здравството, образованието, спортот, заштитата на животната средина, културата и уметноста и кон социјално ранливи групи. Платформата „Тинекс, ти и јас“ е продолжување и интензивирање на активностите за заедницата што „Тинекс“ ги реализира во изминатите осумнаесет години.
Нови апарати за стерилизација на воздухот за Клиниката за детска хирургија во Скопје
вторник, 04 декември 2012
Донацијата е во вредност од половина милион денари, а ќе овозможи соодветно прочистување на воздухот во болничките соби и другите простории на Клиниката.
Денес Клиниката за детска хирургија во Скопје доби нови апарати за стерилизација на воздухот. Донацијата чија вредност е над половина милион денари ја обезбеди компанијата „Тинекс“ во рамки на платформата за општествена одговорност „Тинекс, ти и јас“.
Овие апарати за стерилизација на воздухот се за употреба во медицински установи каде што постои ризик од инфекции. Ќе овозможат соодветно прочистување на воздухот во болничките соби и во другите простории на Клиниката за детска хирургија и побезбедни услови за третман и престој, што е од исклучително значење за здравјето на децата кои се лекуваат тука. Апаратите за стерилизација на воздухот се произведени во Македонија и претставуваат најмодерна технологија во оваа област.
„Нам во „Тинекс“ ни претставува навистина големо задоволство што имаме можност да ги подобриме условите во институција во која престојуваат дечиња и да го направиме нивниот престој тука колку што е можно попријатен и побезбеден. Нашата компанија и во следниот период ќе продолжи да поддржува и иницира вакви активности од јавен интерес“, изјави Цветанка Христовска, претставник на „Тинекс“.
Клиниката за детска хирургија е единствена институција од ваков вид во земјава, каде што хируршки се лекуваат болести кај деца.
„Тимот на Клиниката за детска хирургија постојано работи на свое усовршување за на своите пациенти да им понуди најсовремен медицински третман. Но, освен стручниот третман важно е и во каков простор престојуваат нашите пациенти. Ваквите иницијативи се за нас многу значајни бидејќи со заеднички напори и со партнерство ќе успееме болничките услови да ги подигнеме на повисоко ниво“, изјави д-р Ристо Симеонов, директор на Клиниката за детска хирургија.
Донација за Македонската заедница во Гора, Косово
четврток, 23 август 2012
Најновата општествено одговорна активност која ja спроведовме денес во рамките на платформата „Тинекс, ти и јас“, е донација во прехранбени продукти и финансиски средства за Македонците кои живеат во областа Гора во Косово. Донацијата се состои од шест тони или над 1000 пакети со прехранбени продукти, како што се масло за јадење, шеќер, ориз, грав, тестенини, кафе и средства за лична хигиена, чија вкупна вредност се проценува на близу 500.000 денари. Пакетите ќе бидат дистрибуирани до социјално најранливите семејства со македонско етничко потекло кои живеат во 18 населени места во областа Гора, како и во околината на градот Призрен. Дополнително обезбедени се и 100.000 денари како поддршка на активностите на македонската заедница во Гора. Со оваа донација испраќаме порака до Македонците во Гора дека не се оставени сами на себе.
„Тинекс“ со донација за новородените бебиња на Клиниката за гинекологија во Скопје
вторник, 10 јули 2012
10.07.2012, Скопје - Мајчинските соби во Универзитетската клиника за гинекологија во Скопје добија дополнителна опрема од компанијата „Тинекс“, за третман и грижа на новородените бебиња. Со оваа донација, 21 мајчинска соба на Клиниката за гинекологија добиваат комплетна опрема за третман и тоалета на новородените бебиња, што ќе овозможи подигнување на хигиената и условите во кои ќе престојуваат идните мајки и нивните бебиња.
Секоја мајчинска соба ќе има комода за пресоблекување на бебињата, комода со када за бањање, а „Тинекс“ дополнително донираше чешми за потребите на Клиниката за гинекологија и манжетни за пулсоксиметар. Вкупната вредност на донацијата изнесува 334.055 денари.
„Да се создадат подобри услови за идните поколенија не е само прашање на добра волја туку и обврска кон заедницата. За „Тинекс“ како компанија која постојано ги следи потребите на заедницата, можноста да се овозможат подобри услови за новороденчињата е вистинска привилегија“, изјави Кристина Тодоровиќ - Николиќ, генерален извршен директор на „Тинекс“.
Новата зграда во која сега е сместена Универзитетската клиника за гинекологија е изградена по најновите стандарди, а условите во кои престојуваат пациентите се значително подобрени. Со оваа донација дополнително се подигнува квалитетот на медицинската услуга и нега што е од клучно значење за здравјето на бебињата.
„За секој доктор здравјето на пациентот и подигнувањето на квалитетот на медицинскиот третман е врвен приоритет. Новата зграда, комплетно новата инфраструктура и апаратура, ни овозможуваат не само покомотен престој на нашите пациентки, туку и подобрување на сите услови за подигнување на квалитетот на медицинскиот третман. Оваа донација е уште еден значителен придонес во таа насока. Искрено се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина“, изјави д-р Драган Тантуровски, в.д. директор на Клиниката за гинекологија.
Оваа донација практично претставува продолжување на минатогодишната соработка кога „Тинекс“ донираше болнички кревети во вредност од околу 900.000,00 денари.
Освен донацијата на Универзитетската клиника за гинекологија, „Тинекс“ донираше и постелнина за Клиниката за максилофацијална хирургија и канти за медицински отпад и наткасни за Клиниката за детски болести. Вкупно, донацијата за овие три клиники изнесува речиси половина милион денари.
Од започнувањето на реализацијата на активностите во рамки на платформата „Тинекс, ти и јас“ со која компанијата поддржува проекти од интерес на целокупната заедница, „Тинекс“ донираше речиси 1,5 милиони денари во областа здравство, вклучувајќи ја донацијата наменета за набавка на два бронхоскопа и една кардиолошка сонда за Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле.
Платформата „Тинекс, ти и јас“ е продолжување и интензивирање на активностите за заедницата што „Тинекс“ ги реализира во изминатите осумнаесет години, а во нејзини рамки освен во здравството, се поддржуваат и проекти од областа на заштитата на животната средина, образованието, спортот, културата и уметноста и помош за социјално ранливи групи.
Тинекс во еко-акција за почиста животна средина
среда, 23 мај 2012
По повод Меѓународниот ден на планетата Земја, кој секоја година се одбележува на 22 април, како дел од платформата "Тинекс, ти и јас", за време на викендот на 21 и 22 април, организиравме еко-акција за почиста животна средина во 5-те Супер Тинекс маркети во Скопје. Граѓаните требаше да донесат 10 биоразградливи кеси од "Тинекс" и 10 пластични шишиња, и во замена за нив да добијат еколошка торба за пазарување. За време на дводневната еко-акција, на само 5 локации беа собрани 600кг пластични шишиња и биоразградливи кеси, а овие резултати се поттик за повторно да организираме вакви акции во наредниот период.
Тинекс донираше парична помош за обнова на опожарените куќи во Карадак маало
понеделник, 14 мај 2012
Тинекс донираше парична помош за комплетна обнова на покривите на опожарените куќи на семејствата чии домови настрадаа во вчерашниот пожар во населбата Карадак маало.
Помошта е дел од пошироката активност во делот на општествената одговорност што се реализира под мотото „Тинекс, ти и јас“.
- Веста за пожарот што ги зафати домовите на нашите сограѓани е навистина потресна и тоа беше сигнал за нас веднаш да се мобилизираме и во рамки на нашите можности да обезбедиме помош за овие семејства. Се надеваме дека нашата морална, но и конкретна поддршка во овие тешки моменти ќе биде мала утеха и поддршка за излез од оваа несакана ситуација, изјави Кристина Тодоровиќ - Николиќ, генерален извршен директор на Тинекс.
Поддршка за Скопскиот маратон
недела, 06 мај 2012
Традиционално и оваа година, Тинекс преку платформата ,,Тинекс, ти и јас'' го поддржа денешниот Скопски маратон, на кој учествуваа рекордни 3.500 маратонци. Донирајќи енергетска храна, се погриживме учесниците да ја истрчаат 40км долга патека.
Тинекс со донација за жителите на завеаните планинските села
вторник, 14 февруари 2012
На 14 февруари Тинекс се вклучи во акцијата за дотур на основни продукти и храна до жителите на планиските села, кои се отсечени поради обилните снежни врнежи. Во организација на Центарот за управување со кризи и Армијата на РМ, до завеаните подрачја беа дистрибуирани над 1.500 килограми основни продукти, како што се: масло за јадење, брашно, млеко, конзервирана храна и разни тестенини. Донацијата беше дистрибуирана до жителите на населените места во општините: Зелениково, Ранковце, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Прилеп, Врапчиште, Струга, Новаци и Могила.